|
15.05.2012 - Финализираше неколкумесечниот проект Навивај спортски, без навреди и насилство, на Отсекот за превенција при СВР Тетово
Заврши неколкумесечниот превентивно-едукативен проект „Навивај спортски, без навреди и насилство’’, чиј иницијатор и реализатор беше Секторот за внатрешни работи Тетово, односно Отсекот за превенција. Во рамките на овој проект, од крајот на февруари до 13-ти минатиот месец беа одржани повеќе предавања во тетовските средни училишта, со кои вкупно беа опфатени 324 паралелки со вкупно 9538 ученици, кои следат настава на македонски, албански и турски јазик.
На овие предавања учениците поблиску беа запознати со потребата од фер и коректно навивање, но и со законските импликации за неспортско и насилно однесување на спортските натпревари. Покрај ова, составен дел од проектот беа и неколкуте состаноци со претставниците на тетовските фудбалски екипи и медиумите, на кои мошне конструктивно се дебатираше за спортското насилство и за неопходноста заеднички да се превенира и надмине истото.
СВР Тетово во соработка со „Кисс-телевизија’’ изготви и посебен телевизиски спот со пораки за спотско навивање, кој се емитуваше на неколку локални телевизии, а беа дистрибуирани и над стотина наменски плакати, изработени во соработка со ОБСЕ.
Во СВР Тетово најсериозно се размислува некои од активностите да продолжат и во наредниот период, во функција на подигнување на спортската свест и култура кај младите од регионот и да придонесат за надминување на спортското насилство, пред се на фудбалските стадиони во Тетово и пошироко.
|
|