|
19.06.2012 - Да не се пука на веселби, апелираат од полицијата
Претстои период на голем број свадбени и други свечености во Полог, кои минатите години ги следеа и повремени нарушувања на јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје или со неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства.
За да не се повторуваат ваквите појави и летово, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните да се воздржат од пукање со пиштоли или друго оружје, но и од неовластено организирање огномети, кои во последно време се во тренд и стануваат задолжителна свадбена содржина на ова подрачје. Зашто, пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а глобата за ваков прекршок се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години.
Свадбените огномети, пак, задолжително треба да се пријават во СВР Тетово, односно во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, додека организаторите навреме да ги спроведат пропишаните заштитни мерки.
Истото се однесува и на други свечености кои ќе се организираат по различни поводи, а кои, исто така, најчесто не поминуваат без пукање.
СВР Тетово ќе ги интензивира контролните активности на планот на регистрирање и санкционирање на ваквите прекршоци и без исклучоци ќе постапува според законот.
|
|