|
24.06.2012 - Шар Планина и нејзиниот бисер Попова Шапка во летниот период, а особено во деновите на викендот бележи зголемен број на посетители
Овие живописни предели на Попова Шапка, каде се уште има остатоци од снег ги имаат сите услови за правилен и удобен одмор во летниот период. Топлото време и жешкиот асфалт од Тетово може да се одбегне со получасовно патување по патот кој води низ најживописните предели на Шар Планина. Овде, на овие живописни предели на надморска височина од околу 1.800 метри просечната температура е пониска за 10 до 15 степени во споредба со дневната температура во Тетово и другите градови. Сето тоа заедно со шаренилото од зеленило околу остатоци од сеуште неистопен снег, чистиот планински воздух со мирис од разновидните лековити и плаински растенија, го прави престојот на Попова Шапка мошне удобен. Затоа голем број жители од Тетово и од други места на Македонија, а често пати и од странство, Попова Шапка ја посетуваат и лете.
-Во текот на минатиот месец бројот на посетителите на :Попова Шапка беше двојно зголемен во споредба со мај минатата година. Пораст на посетители, особено во деновите на викендот има и во текот на овој месце. Ни изјави Петре Димитриески, директор на ДУТ Попова Шапка Елем.
Покрај излетници и туристи кои индивидуално поминуваат дел од годишниот одмор на Попова Шапка, зачестено пристигнуваат и групи планинари од повеќе места на Македонија, како и од странство. Ноќеваат во хотелите на Попова Шапка, а дење пешачат до изворите на река Пена, до живописните шарпланински езера, а некои се искачуават на Титов Врв и на сртовите на Кобилица, Бориславец, Трапезница и други планини кои го сочинуваат Шарпланинскиот масив.
Престојот на Попова Шапка, прошетките и пешачењето низ околните предели, секогаш е пријатен лете, а одморот правилен и удобен, далеку од смогот, вжештениот асфалт и градската врева.
Јован Булески
|
|