|
21.07.2012 - Во Тетово повреден моторциклист, а во близина на Стенче возило слета во Вардар
Вчера во центарот на Тетово повремено како да имаше трка на мотори која за жал никој не ја спречуваше. Меѓу нив имаше и мотори без регистерски таблички, а учесниците во оваа дива и непријавена трка низ градот немаа соодветна опрема, ниту пак кациги на главата, а имаа и сопатници.
Едниот од нив заврши со тешки повреди и бил итно пренесен во клиничката болница. Претходно беа повредени и два други моторциклисти. Едниот во Тетово, а другиот во Гостивар.
Според портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифофски пораките на полицијата за почитувањео на законските прописи од моторциклистите се уште за жал не се чуствуваат во практиката.
И натаму тие пребрзо возат и не ги почитуваат сообраќајните правила, а некои и сигнализацијата. За сузбување на оваа појава од полицијата се најавени засилени контроли на теренот и преземање поригорозни мерки против моторџиите кои ја загрозуваат не само својата сопствена безбедност, туку и безбедноста на пешаците и учесниците во сообраќајот.
Денеска во 1:30 минути се случи сообраќајна несреќа кај мостот на река Вардар, во близина на Стенче. Управувајќи со патничко возило БМВ со гостиварки регистерски таблички Ј.А. излетал од патот и слетал во водите на Вардар.
Среќна околност е што нивото на реката било мошне ниско, па возачот и патниците не се удавиле и поминале со лесни повреди. Во нивно извлекување учестуваала и екипа од ТПЕ. Возилото е оштетено. Извршен е увид и се работи на утрвдување на причините за утрвдување на оваа сообраќајна несреќа. За релативно кусо време ова е втора сообраќајна несреќа по ред.
Пред извесно време возач ја загуби контролата управувајќи со патничко возило и исто така слета во водите на Вардар. Тогаш едно лице го загуби животот, а друго помина со тешки телесни повреди.
Јован Булески
|
|