|
30.07.2012 - Православните верници денес со чествуваат празникот посветен на Светата маченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија
Православниот свет денес и се поклонува на светата великомаченица Марина, една од многубројните страдалници за верата во Господ Исус Христос, чиј возвишен живот стана показател на величината на христијанската добродетел. Овој празник, што во народот е познат како Огнена Марија, се прослави во црквите во Тетово и во Тетовско. Во соборниот храм Св. Св. Кирил и Методиј старешината на храмот, прота Предраг Исаевски, отслужи света божествена литургија.
Светата маченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на идолопоклоник. На 15-годишна возраст по свирепо мачење и била отсечена главата, околу 270-та година. Тогаш се убиени и 15000 луѓе што поверувале во Христа и ја прифатиле неговата вера, кога на небото виделе знак додека била мачена Света маченица Марина.
Поголем дел од моштите на Огнена Марија се наоѓаат во манастирот Света Марина, во областа Мала Преспа, каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Во соборниот храм Св Кирил и Методија верниците палеа свеќи за здравје и се поклонуваа на иконата на светицата. Прота Предраг Исаевски ги благослови девојчињата кои го носат името на Светата маченица Марина, како и сите други дечиња кои денес го посетија храмот, по што беа прережани кумските колачи и беа избрани кумовите за следната година.
Во народот постои верување дека на овој ден не се работи ниту дома ниту во поле затоа што се смета, дека ако се работи може да избие пожар и да се уништи годишната реколта.
Данијела Петковска
|
|